Во излогот

Седам на клупата. Зад мене има неколку грмушки, а потоа продолжува булеварот, полн со забрзани автомобили. Пред мене, полу-населена зграда, под неа аптека и неисчистен излог од празна продавница. Надвор врни тивок, незабележлив дожд. Ја чекав другарка ми да го изеде ѓеврекот. Го чекавме авотобусот кој ќе не однесе дома. Уморни, не изустивме ни збор.
Завиткана во црното палто и црните панталони, кога би ги раширила рацете, нечистотијата на излогот прави да личам како да имам црни крилја. Би била спремна да полетам, ако би можела да ги раширам доволно, без да се плашам дека ќе ги скршам.
На клупата, меѓу мене и другарка ми, како да има уште едно празно место. Погледнав кон излогот, празнината личеше уште поголема. Тоа место не е празно само денес. Веќе година дена. Но, ако тоа место до мене беше пополнато, ако нечија рака беше околу моите раменици, не би можела да видам дали имам крилја. Ќе умрев како птица убедена дека не можам да полетам. А мислев, мислев дека никогаш не ќе полетам од кога ме запалија, дека ќе останам пепел и прав. Не очекував дека пепелта ќе ми направи нови крилја.
Ми рече, потсетувам на феникс. Но, крилјата на фениксот се огнени, а моите црни. Сепак, двата воскреснуваме.
Ја погледнав другарка ми. Сеуште мирно го јадеше ѓеврекот. Потоа, погледнав кон излогот. Навистина, треба да ја исчистат таа нечистотија од него…

-Emmeranne

Leave a comment